33 views 0 sec 0 Comment

Жестока расправија меѓу израелскиот шеф на дипломатијата и шефот на ОН: „Во кој свет живеете вие?“

- 24/10/2023

Министерот за надворешни работи на Израел, Ели Коен, денеска изјави дека нема да се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, откако шефот на ОН го критикуваше израелското бомбардирање на Газа.

„Нема да се сретнам со генералниот секретар на ОН. По масакрот на 7 октомври, нема простор за балансиран пристап. Хамас мора да се избрише од лицето на планетата“ порача Коен.

Во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк, Гутереш денеска рече дека е „длабоко загрижен поради јасното прекршување на меѓународното хуманитарно право на кои сме сведоци во Газа“.

„Заштита на цивилите не значи да се нареди повеќе од милион луѓе да се евакуираат на југ, каде што нема засолниште, храна, вода, лекови или гориво – и потоа да продолжиме да го бомбардираме самиот југ“, рече Гутереш.

„Да бидам јасен: ниту една страна во вооружениот конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“, додаде тој.

Гутереш во истиот говор рече дека „поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат ужасните напади на Хамас, а овие ужасни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ“.

Коен, кој исто така беше присутен во салата, му одговори на Гутереш: „Во каков свет живеете вие? Тоа дефинитивно не е нашиот свет“.

Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилад Ердан, го повика Гутереш „веднаш да поднесе оставка“ по неговите изјави. Пишувајќи на социјалните мрежи, Ердан рече дека Гутереш „не е способен да ги води ОН“.

Comments are closed.