31 views 1 sec 0 Comment

Стојановски во „Полиграф“: Во борбата со дезинформациите треба да се вклучат сите општествени чинители

- 08/02/2024

Кои се највлијателни дезинформации во земјава и како треба граѓаните, медиумите и институциите да се справат со нив? За овие теми, „Полиграф“ разговараше со Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис, која неодамна го објави истражувањето „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2023 година“.

 

Полиграф: Кои се најактуелните дезинформации, на кои теми најмногу среќаваме дезинформации?

Стојановски: Па, генерално она што го гледаме како теми на дезинформации се теми коишто доведуваат до големи поделби во општеството. И, токму затоа се експлоатирани и од странски фактори, и од оние кои што се антидемократски сили кај нас, а тоа се, меѓу другите, војната во Украина, природата на евроатланските интеграции – кои ќе бидат последиците, како,  сеење страв од некои измислени закани…И, многу често различните типови на дезинформации доведуваат до сеење страв и поделби по етничка основа со цел да се оцрни одредена етничка група, или пак по некои други основи на дискриминација, како, да речеме, родовата еднаквост или покажување на одредени групи во општеството како некаква закана, што не е поткрепено со никакви докази.

 

Полиграф: Дали граѓаните знаат да препознаат дезинформации?

Стојановски: Генерално, граѓаните се свесни дека се изложени на дезинформации, според резултатите на нашето истражување, но, и голем дел од граѓаните сметаат дека се способни да ги препознаат. За жал, ако го споредиме тоа мислење за самите себеси со тоа дека имаат голем дел од граѓаните усвоено некои ставови кои се базираат на дезинформации, може да утврдиме дека за многу граѓани навистина треба дополнително да го зголемат своето знаење, да ги зголемат своите способности да ги препознаваат и да се спротивстават кон дезинформациите, бидејќи, исто така, тука влијае многу и атмосферата во општеството, каде што доколку се охрабри спротивставувањето на дезинформациите, тоа  ќе биде и поттик самите граѓани да се борат со нив.

 

Полиграф: Што би можеле институциите или пак и Владата да направат во врска со дезинформациите.

Стојановски: Она што го имаме како препораки, коишто се базираат на овие резултати, е дека е неопходен системски одговор, бидејќи најголем дел од причините зошто граѓаните се толку подложни на дезинформации се од системска природа. Тие зависат од квалитетот на образовниот систем, од тоа како институциите се соочуваат со овие проблеми. Притоа, не само државните институции, туку и институциите на демократското општество како што се медиумите, како што се научната, академската, образовната заедница и слично, па и здравствените институции. Низа од нив имаат допирни точки со овие проблеми и треба многу подобро да соработуваат меѓу себе, особено со медиумите.

А и самите медиуми, голем дел од нив се уште не се активно вклучени во информирање и едуцирање на граѓаните за постоењето на дезинформации, за нивното разоткривање и да им се овозможи на граѓаните да стекнат моќ преку едукација од медиумите и самите да ги препознаат и сами да се спротивставуваат.

Значи, навистина е неопходно – еден од чекорите кои ние го сметаме како логичен е создавање на национална стратегија за јакнење на општествена отпорност кон дезинформации, која што би опфаќала низа други чекори коишто би произлегле преку јавна дебата и преку консултација со сите засегнати страни. Бидејќи, ова е проблем што ги засега сите и би требало сите да се вклучат. Нормално, доколку не се сите вклучени како општествени чинители, тогаш, какво и решение да се донесе ќе биде недоволно добро, затоа е неопходно сите да придонесат.

Интервјуираше: Ера Ѓакова

Comments are closed.