491 views 0 sec 0 Comment

Полиграф: Портали дезинформираа дека СДСМ „преговорите за името со Грција ги премести од ОН во ЕУ“

- 28/10/2023

На 17.03.2023, порталот Република објави наслов „Слично како со спорот за името кога дојде СДСМ: Поранешната српска власт ги преместила преговорите за Косово од ОН во ЕУ“. Во текстот се тврди: „Слично направи и СДСМ кога дојде на власт во 2016 година. Преговорите за името со Грција ги премести од ОН во ЕУ каде Македонија беше во нерамноправна положба.“ Истата вест ја објави и порталот „PressingTV” на 18.03.2023 со наслов „Дали ова ви звучи познато: Поранешната српска власт ги преместила преговорите за Косово од ОН во ЕУ“.

Но, невистина е дека СДСМ дошла на власт во 2016 година. СДСМ ја презема извршната власт на 31.05.2017, кога Собранието ја изгласа првата влада на Зоран Заев.

Исто така, невистина е и дека СДСМ „Преговорите за името со Грција ги премести од ОН во ЕУ“. Спорот за името беше решен преку долгогодишни преговори кои се водеа во рамки на ОН. Затоа, при потпишувањето на Договорот од Преспа, единствен потписник како сведок е Метју Нимиц, личен пратеник на Генералниот секретар на ОН, во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН 817 и 845 од 1993 година.

Затоа, лажна е аналогијата помеѓу преговорите за спорот за името и дијалогот за Косово. Официјалните преговори за спорот за името се водеа во рамките на ОН, а во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, ЕУ се јавува во својство на олеснувач меѓу страните, што беше поздравено со резолуцијата на Генералното собрание на ОН од 09.09.2010.

Следствено, и тврдењето дека СДСМ „Преговорите за името со Грција ги премести од ОН во ЕУ“ го оценуваме како дезинформација.

Comments are closed.