42 views 3 sec 0 Comment

„Полиграф“: Кој ширеше нeточни информации дека државата Јемен му објави војна на Израел?

- 07/11/2023

Неточни информации дека Јемен му објавил војна на Израел се појавија и во македонски медиуми.

 

На македонскиот агрегатор за вести time.mk на 31.10.2023 се појави кластер вести „Јемен му објави војна на Израел“ со истоимен наслов на прво место во кој се тврди: „Јемен е прва арапска земја што му објавува официјално војна на Израел од 1973 година“.

И други портали објавија вакви неточни наслови, како на пример: „Јемен се приклучува кон конфликтот Израел-Газа“, или насловот „(Видео) Jeмен неофицијално му објави војна на Израел – Хутите ја превземаа одговорноста за нападите во југот на државата“ .

Откако во онлајн медиумите ширум светот се појави оваа неточна информација, на 01.11.2023 Сервисот за проверка на факти на „Асошиејтед прес“ објави напис: „Јемен нема објавено војна на Израел, наспроти тврдењата онлајн. Бунтовниците Хути лансираа ракети“.

Истиот ден, и „Њузвик“ објави наслов со прашање: „Проверка на факти: Дали Јемен објави војна со Израел?, анализирајќи влијателен видео твит, под кој беше додаден контекст „Оваа објава на војна против Израел не е од меѓународно признатата влада на Јемен, туку од бунтовниците Хути“.

Анализата на Њузвик заклучува дека „Јемен не објавил војна против Израел“ и дека „тврдењето се заснова на изјава објавена од милитаризираниот сојуз поддржан од Иран наречен Хути, кои имаат контрола врз главниот град на земјата. Тоа не е дел од меѓународно поддржаната влада во Јемен“. Истото се заклучува и во анализата на Асошиејтед прес, во која се вели дека „Меѓународно признатата влада на Јемен не му објави војна на Израел“.

Затоа, веста дека „Јемен му објави војна на Израел“ не е точна. Публиката треба да биде внимателна со вакви објави, а медиумите да ги проверуваат информациите што ги објавуваат, особено во вакви деликатни ситуации како што е конфликтот во Израел и Газа.

 

Comments are closed.