43 views 4 sec 0 Comment

„Полиграф“: Кој објави дезинформација за средба меѓу Таравари и Мицкоски?

- 06/02/2024

Вообичаено, пред изборите зачестуваат средбите меѓу лидерите на политичките партии, за кои има голем интерес во медиумите и јавноста. Сепак, се случува медиумите да објават и информации за средби што не се случиле. Таков е случајот со неточната информација за наводна средба меѓу лидерите на Алијанса за Aлбанците и ВМРО-ДПМНЕ, Арбен Таравари и Христијан Мицкоски.

На 31 јануари 2024, ТВ Клан Македонија објави текст со наслов: „Арбен Таравари во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, се среќава со Мицкоски!“. Оваа содржина потоа беше пренесена и од други портали на албански јазик, а потоа беше преземена и од портали на македонски јазик.

Но, оваа неточна вест беше демантирана од Алијанса за Албанците, која соопшти дека таква средба воопшто немало. „Веста објавена во некои медиуми за наводна средба на претседателот Арбен Таравари со Мицкоски е лажна, бидејќи автомобилот кој овие медиуми го донесуваат како „факт“ не е на претседателот на АА. Посочениот автомобил е на првиот човек на огранокот на ВМРО-ДПМНЕ од општина Маврово-Ростуше, Харис Ибрахими“, се вели во соопштението на оваа партија.

По демантот, ТВ Клан ја избриша содржината со неточната вест. Оваа телевизија објави и „Појаснување за читателите и јавноста“, во кое им се извини на Таравари и Мицкоски и на читателите, објаснувајќи дека текстот бил објавен без знаење на одговорните уредници и новиот менаџмент во телевизијата. „Одговорниот вработен ја објавил веста на веб-страницата на телевизијата без да се консултира со раководството и уредниците. Тој направил уште понеодговорно дејствие со дистрибуција на веста на неколку и-мејл адреси на други редакции“, се вели во објавата на ТВ Клан.

Во овој случај, објавената неточна и непроверена информација претставува кршење на новинарските стандарди, а постапката на редакцијата е она што треба да го прави секој медиум откако ќе увиди ваква грешка – да објави исправка, извинување и објаснување за читателите. Само на тој начин, медиумите може да ја задржат довербата на публиката.

 

Comments are closed.