156 views 5 sec 0 Comment

Полиграф: Кој објави непоткрепени информации за должината на изградени нови патишта?

- ВЕСТИ
22/10/2023

На 22.01.2023 премиерот Димитар Ковачевски објави твит во кој пишува: „Изградивме 1300км нови патишта во последните 5 години.“

И видеото од твитот содржи тврдење „1300 КМ нови патишта изградени во последните 5 години“.

Но, ова тврдење не ја поминува проверката на факти. Се тврди дека се изградени 1300 км. нови патишта, но дел од нив не се нови, туку се реконструирани или рехабилитирани. Исто така, се тврди дека патиштата се веќе изградени, но дел од нив не се доизградени и не се пуштени во употреба, како што укажаа повеќе медиуми.

На пример, Радио Слободна Европа, на 27.01.2023 објави текст со наслов: „Од 1300 километри, Ковачевски може да се пофали со нови 13 километри пат“, во кој се тврди: „За време на владеењето на премиерот Ковачевски, нов е само експресниот пат Крупиште-Кочани, а на останатите километри патишта е извршена реконструкција.“

Но, неколку медиуми ја пренесоа погрешно анализата на РСЕ, и напишаа: „Само експресниот пат Крупиште-Кочани долг 13,7 километри е нов во последните 5 години владеење на СДСМ, наместо 1.300 километри со кои Владата неодамна се пофали во свое видео, се вели во анализа на Радио Слободна Европа”.

Но, такво нешто не се вели во анализата на РСЕ. Таму се тврди дека „За време на владеењето на премиерот Ковачевски, нов е само експресниот пат Крупиште-Кочани“, а не „во последните 5 години владеење на СДСМ“, како што пренесоа погрешно медиумите.

И премиерот, но и медиумите кои погрешно ја пренесоа анализата на Радио Слободна Европа, објавија непоткрепени информации за должината на изградени нови патишта. Но, јавноста има право да знае колку нови патишта се изградени и пуштени во употреба, колку се реконструирани, а колку се во изградба. Затоа, обврска на институциите и на медиумите е да објавуваат точни и проверени информации и да го остварат ова право на граѓаните.

Leave a Reply
You must be logged in to post a comment.