41 views 0 sec 0 Comment

„Полиграф“: Какви дезинформации за Шарената револуција беа изнесени во емисијата „Гласот на народот“?

- 24/12/2023

Во емисијата „Гласот на народот“, емитувана на „Вистинска телевизија“ на  06.12.2023, гостинот Владо Јовановски, инаку разузнавач во пензија, ја спојува „Шарената револуција“ со случајот „Диво насеље“.

„Кај нас, се уште многу слабо е обработен случајот „Диво Насеље“, иако се случи баш во тој период, во екот на Шарената револуција…“, изјави Јовановски.

Но, што покажува елементарната проверка на факти? Вооружената престрелка во Куманово во „Диво насеље“ се случуваше на 9 и на 10 мај 2015 година. А „Шарената револуција“ е израз за протестите што се случуваа година дена подоцна, по одлуката на претседателот Иванов од 12.04.2016 за т.н. аболиција, односно помилување и ослободување од гонење на 56 лица кои беа дел од предметите на Специјалното јавно обвинителство.

Освен тоа, водителот на  емисијата, Слободан Томиќ тврди дека Шарената Револуција имала јасни цели да се промени името на државата и да се донесе „Преспански договор“:

„Имајќи факт дека таа Шарена Револуција имаше јасна цел да се промени тоа што со години не се менувало, тоа е името на државата, да се донесе повторно еден езерски документ, познат како „Преспански договор“…“, рече Томиќ во емисијата

Но барањата на протестите од 2016 година воопшто не се однесуваа на промена на името на државата и постигнување договор со Грција, туку на обезбедување правда и изнесување пред суд на одговорните за масовното прислушкување, а и за демократизација на заробените институции, за што сведочат и јавно објавените барања од протестите во медиумите.

Токму затоа, тврдењата дека случајот „Диво Насеље“ се случил во екот на Шарената револуција, како и тврдењата дека Шарената Револуција имала за цел да се промени името на државата, може да се оценат како невистини и дезинформации.

Comments are closed.