28 views 2 sec 0 Comment

„Полиграф“: Какви дезинформации ширеа порталите по состанокот на Европскиот совет?

- 26/12/2023

И последниот декемвриски состанок на Европскиот совет, како и претходните, беше мета на повеќе медиумски дезинформации.

На 15.12.2023 порталот „Република“ објави наслов „Која е Молдавија што почна преговори побрзо од Македонија: Немаат свој јазик, не контролираат половина од територијата“. Истиот ден, и порталот „Пресинг ТВ“ објави наслов: „Молдавија не контролира половина од својата територија, но почна преговори пред Македонија“.

Но, овие тврдења се неточни. Прво, Молдавија зафаќа територија од 33,843.5 km2, а самопрогласената „Приднестарска Молдавска Република“ или Транснистрија, не зафаќа половина од територијата на Молдавија, туку многу помалку. Според Енциклопедија Британика, таа зафаќа  3,500 km2, а според ВикипедиаТранснистрија зафаќа 4.163 км2 од вкупната територија на Молдавија од  33,843.5 km2. Затоа, тврдењето дека „Молдавија не контролира половина од својата територија“ е невистинито.

Второ, дали Молдавија почнала преговори „побрзо од Македонија“? Од сајтот на ЕУ се гледа дека Европскиот совет одлучил да ги започне пристапните преговори со Молдавија во декември 2023 година, а со Северна Македонија на 25.03.2020 година.

Молдавија има одлука само од Европскиот совет за започнување на пристапните преговори, а нашата земја одржа и прва „Меѓувладина конференција за пристапување на Северна Македонија“, со која „На 19 јули 2022 година, ЕУ ја започна воведната фаза од пристапните преговори со Северна Македонија“.

Пристапните преговори со Украина и Молдавија не се започнати формално. ЕУ допрва ќе усвојува преговарачки рамки за Украина и Молдавија, и ќе прецизира датум за формално отворање на пристапните преговори. Токму затоа, и тврдењето дека „Молдавија почна преговори побрзо од Македонија“ може да се оцени како невистинито.

И тврдењето во друга вест на порталот Република, „Дека Македонија не ги почна преговорите со ЕУ се потврди и на Самитот на ЕУ каде не бевме дури ни на дневниот ред“ е неточно.  Во заклучоците на Европскиот совет од 14 и 15 декември има посебна точка 18, во која се спомнати уставните измени како услов за комплетирање на воведната фаза од пристапните преговори.

Освен ова, на 8.12.2023, Европската комисија објави дека состаноците за скрининг процесот се комплетирани, што претставува прв чекор во процесот на пристапни преговори. Украина и Молдавија воопшто немаат започнато скрининг процес.

Токму затоа, тврдењата дека Украина и Молдавија започнале преговори пред Северна Македонија претставуваат дезинформации, за кои може да се оцени дека имаат тенденција за поткопување на довербата во ЕУ и негирање на веќе започнатите преговори.

 

Comments are closed.