14 views 4 sec 0 Comment

„Полиграф“: Како реагираа медиумите на македонски и албански јазик на лажната вест за самоубиство на фудбалерот Алвеш?

- 20/03/2024

Објава на бразилскиот новинар Пауло Албукерки на социјалната мрежа „Икс“, кој прошири лажна вест за наводно самоубиство на познатиот фудбалер Дани Алвеш во затвор, беше пренесена неетички и непрофесионално во наслови на повеќе медиуми.

На пример, на 9 март 2024, порталот „Ora News.tv“ објави вест со сензационален наслов: „Вест од бразилскиот новинар ја шокира мрежата: Дани Алвеш се самоуби во затвор“. И порталот „Syri.net“ објави содржина со речиси идентичен текст и наслов. Веста наредниот ден ја објави и порталот „Zëri.ai“ со наслов „Шокира новинарот: Дани Алвеш се самоуби во затвор“.

Иако насловите известија за трагичниот настан, во текстовите се вели дека сè уште нема официјална потврда за веста и дека „Во следните часови се очекува да се разјасни сè, дали навистина имаме работа со трагичен настан или со неточни информации проширени од бразилскиот новинар“.

И навистина, набрзо стана јасно дека оваа вест е лажна. Многу медиуми на албански јазик ја пренесоа емотивната реакција на братот на познатиот фудбалер, кој ја демантираше дезинформацијата. И македонските медиуми известија за лажната вест за Дани Алвеш.

Што велат новинарските етички правила за вакви случаи? Во Кодексот на новинарите на Македонија стои дека новинарот мора да објавува точни и проверени информации, а начинот на информирање во случаи на несреќи и трагедии мора да биде ослободен од сензационализми.

Медиумите кои ја објавија сензационалистичката лажна вест за Дани Алвеш направија сериозни етички прекршувања. Сепак, за пофалба е фактот што повеќето медиуми не станаа плен на лажната вест и ја демантираа, извршувајќи ја професионалната должност точно да ја информираат публиката.

Comments are closed.