42 views 2 sec 0 Comment

Лахтов за „Полиграф“: Потребен е поголем фокус на медиумската писменост

- 14/12/2023

Со Михајло Лахтов, медиумски експерт со повеќегодишно искуство во програми за медиумска писменост, „Полиграф“ разговараше за важноста на медиумската писменост во препознавање на дезинформациите.

Полиграф: Како граѓаните, секој од нас би можел да детектира дека некоја информација е дезинформација или пак се зборува за fake news (лажни вести)?

Лахтов: Благодарам за ова прашање, многу често ми го поставуваат и многу често е во фокусот на нашиот интерес, особено во последните 10 години, зборуваме за дезинформации и лажни вести итн. Мислам дека не е вистинскиот фокус, дека фокусот треба да биде ставен повеќе на медиумската писменост, односно како граѓаните успеваат да ги декодираат, односно да ги разберат медиумските пораки кои што до нив доаѓаат по пат на различни типови медиуми – во денешно време многу почесто од новите дигиталните платформи и социјалните мрежи, на коишто среќаваме сè и сешто.

Главниот проблем не е толку во дезинформациите колку што е во бомбардирањето, или од напливот на милиони, милиони различни информации, кои ги добиваме секојдневно и, дали успеваме, и дали знаеме, дали имаме вештини да создадеме филтер за оние информации, коишто нас ни се потребни, релевантни, нѝ требаат во секојдневното живеење, а некако да ги изолираме оние коишто не нѝ носат ништо друго освен, да речеме, едноставна забава. Така што, со еден англиски термин, “инфодемија”, зборуваме за огромно количество на информации и медиумски пораки кои стигнуваат до нас и, уште еден англиски термин – “infotainment”; сè што е околу нас веќе стана едноставно entertainment, забава, и многу информации кои ние ниту знаеме да ги филтрираме како што треба, ниту знаеме да ги декодираме како што треба.

И затоа, само оние кои низ животот ќе поминат низ различни процеси на учење, читање, постојано усовршување и ќе научат како да ги декодираат тие пораки, односно да сфаќаат што е вистинската порака, што сака да нѝ се пренесе преку таквата порака, кој тоа сака нешто да нѝ пренесе, што таа порака содржи а што е избегнато во пораката, какви вредности нѝ пренесува – само тие поединци ќе можат вистински да ги користат медиумите за тоа што им треба во животот. Тоа е, ајде да кажам, главната одлика на медиумската писменост, важноста на медиумската писменост.  А понатаму, како еден мал сегмент, можеме да зборуваме и за информатичкиот неред, односно дезинформациите како што велите, коишто се присутни денес.

Comments are closed.