33 views 0 sec 0 Comment

Чадиковски во „Полиграф“: Да не дозволиме да бидеме злоупотребени, новинарите да ги проверуваат информациите што доаѓаат од политичарите

- 29/02/2024

Повеќе истражувања во земјава, покрај политичарите, ги посочуваат новинарите и медиумите како главен извор на дезинформации. За тоа што треба да направат медиумите и новинарите за да се справат со оваа појава, во „Полиграф“ разговаравме со претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски.

Полиграф: Имаме неколку истражувања во земјата, кои покажуваат дека, покрај политичарите, се наведуваат и медиумите и новинарите како најголем извор на дезинформации. Дали може повеќе да зборуваме за овој феномен и зошто се случува?

Чадиковски: Така е, иако би рекол дека политичарите или партиските експоненти се првите, и во тие истражувања коишто и ние ги гледаме – се прават повеќе истражувања на таа тема, се главните коишто сакаат да генерираат или да ја прошират дезинформацијата.

Улогата на медиумите тука некогаш е можеби дискутабилна. И, заради тоа, и медиумите или новинарите некогаш се јавуваат како ширачи на тие дезинформации. Не би рекол дека се тие генератори, не би рекол дека се создавачи на дезинформациите, меѓутоа, да, понекогаш може да бидат ширачи.

Тоа може да биде свесно или да биде несвесно. Ако е несвесно можеме доста да направиме, да влијаеме на тоа новинарите да си ја исполнуваат својата основна задача, тоа е да ги проверуваат вестите, информациите, изјавите, без разлика дали тие доаѓаат од пратеници, дали доаѓаат од партиски лидери или доаѓаат од претседатели на партиски штабови или како и да е. Бидејќи, како што и претходно напоменав, тие некогаш свесно создаваат дезинформации, знаејќи дека новинарите или медиумите тоа ќе го пренесат.

Ние мора да поставиме брана кон тој наратив. Да бидеме, како би рекол, чувари на вистината и да не дозволиме да бидеме злоупотребени. И, тоа понекогаш се случува поумешно од наша страна, понекогаш можеби не успеваме до крај.

Би рекол дека традиционалните медиуми имаат една позначајна улога во обидот да ставаат стоп за таквиот тип на дезинформации, бидејќи проверката на вестите почесто е потемелна. Во онлајн просторот, кај одредени медиуми имаме добра ситуација каде што навистина се проверува и се работи квалитетно, меѓутоа постојат и медиуми кои што по принципот на копи-пејст новинарство и во битката за повеќе кликови и повеќе читаност, некритички ќе стават некоја вест за која и самите се донекаде можеби свесни дека оваа вест е дискутабилна.

И сега, тоа е за кога зборуваме за ненамерно ширење на дезинформации. Меѓутоа, мора да кажеме дека постои обид или постојат и групации на медиуми, кои некогаш за сметка на одредени партиски штабови и клубови свесно шират дезинформации. И, тука претежно станува збор за портали коишто гравитираат на таа онлајн сфера и коишто гравитираат или се создадени наменски од страна на некои политички партии за да бидат во полза на тие наративи, коишто тие партии ги промовираат.

Интервјуираше: Ера Ѓакова

Comments are closed.